Поликлиника со специјалистички ординации по гинекологија и акушерство и биохемиска лабораторија

Закажи преглед

PCOS – актуелна тема на денешницата – Copy

И покрај името, PCOS нема ништо заедничко со цисти на јајници. Ултразвукот не е метода со којашто самостојно можеме да потврдиме или исклучиме постоење на овој метаболен синдром. Можно е да имате уреден ултразвучен наод, а да постојат хормонски дисбаланс и PCOS. Исто така, можно е на ултразвук да видиме јајници кои се полни со мали антрални фоликули и тоа НЕ ЗНАЧИ дека жената има PCOS (доколку има регуларни овулаторни менструални циклуси и уреден хормонален статус). Можеби имате и временски/привремен PCOS кој може да се надмине (особено кај тинејџери-дијагнозата PCOS не се потврдува кај девојки кои имаат помалку од три години менструални циклуси или post pill PCOS доколку сте примале контрацептивни пилули со антиандроген).

Во алгоритмот за дијагностицирање PCOS, најпрвин се прашуваме дали тоа е навистина PCOS? – Да, доколку има знаци на вишок андрогени мерливи на биохемиски тест или клинички симптоми за вишок на андрогени хормони (конгенитална адренална хиперплазиа, висок пролактин, одредени типови контрацептивни пилули).

Во случај да потврдиме дека станува збор за PCOS, продолжуваме понатаму.

Дали имате инсулинска резистентност?

Инсулинската резистентност значи високо ниво на инсулин измерен во крвта или откриена со инсулин стимулациски  т.н. Крафт тест). Доколку се потврди дека е висок инсулинот, тој преку ендогени механизми води до зголемено ниво на андрогени хормони (делувајки на тека клетките во јајниците) и во тој случај имате инсулински резистентен PCOS.

Измерете го вашиот струк – инсулинската резистентност може да предизвика дебелина *apple shaped* така што колку е поголем обемот на струкот, толку е поголема веројатноста дека имате инсулинска резистентност.

 *Не мора да имате прекумерна тежина за да имате инсулинска резистентност, може да имате и нормален БМИ и истовремено покачен инсулин.

Третманот на инсулински резистентен PCOS се врши успешно со хигиено-диететски режим (најсоодветна е храна со низок гликемиски индекс и протеинска храна), аеробни вежби и суплементи (миоинозитол и магнезиум).

Доколку  се потврди дека немате инсулинска резистентност, се прашуваме дали симптомите почнале кога сте прекинале со контрацептивна терапија? Тоа е т.н post pill PCOS. Често се случува да се појави привремен скок на андрогени кој е последица од прекинот на дросперинон или ципротерон (компоненти на контрацептивните пилули Диане, Јасмин и т.н.). Во таков случај, се препорачува да се информира пациентот дека тоа е времена состојба предизвикана поради прекин на контрацептивната терапија и може да се употребуваат суплементи кои помагаат во намалување на андрогени нивоа како цинк, реиши печурки, DIM, мелатонин.

Доколку не сте користеле неодамна контрацепција, продолжуваме понатаму Дали имате знаци за хронична инфламација?

Хроничната инфламација може да ги стимулира јајниците да произведат поголеми количини тестостерон и во тој случај примарен фактор е инфламацијата и станува збор за инфламаторен тип PCOS.

Третманот на инфламаторен PCOS е да се детектира и коригира причината за инфламацијата. Таа може да е предизвикана како последица на сензитивност на одреден тип храна (лактоза, глутен). Друга честа причина за хронична инфламација се проблеми со цревниот микробиом или хронична активација на масните клетки, т.н. хистаминска интолерантност.

Симптомите на хронична инфламација се:

Необјаснив замор, главоболки, мускулни и коскени болки, цревни проблеми, хронични кожни проблеми како егзем, псоријаза и т.н.

За овој тип PCOS се покажале успешни суплементи како цинк и N acetyl cysteine.

Доколку немате знаци на хронична инфламација, можеби вие сте едни од оние што имаат адренален тип  PCOS .

Кај повеќето жени со дијагностициран PCOS се покачени нивоата на сите три машки полови хормони андростендион, тестостерон и DHEAS.

Кај адренален PCOS е покачен само хормонот DHEAS (кој е со потекло од надбубрежната жлезда), а останатите се со уредни вредности. Овој тип PCOS го имаат само 10 % од жените и причината е несоодетен одговор на телото на стрес.Третманот кај овој тип PCOS е да се применуваат техники за намалување стрес, адаптогени билки (ашваганда, родиола), магнезиум.

Што ако ви е речено дека имате PCOS, а не се пронајдовте во ниту еден од овие критериуми?

Во тој случај, дали навистина имате PCOS?

Доколку изостанокот на менструалниот циклус е вашиот единствен симптом (без знаци за вишок андрогени потврдени биохемиски или преку клинички видливи симптоми), можеби станува збор за хипоталамична аменореа (фокусирајте се на LH хормонот кој е висок кај PCOS, а низок кај хипоталамична аменореа).

Др Марија Коцева

ПЗУ Др Ложанковски

Споделете со пријатели:

Facebook
Twitter

Предходни објави